Добродојдовте на неофицијалната страна на град Кавадарци


Grb-Kavadarci

home-дома
Актуелно
Лична карта
Положба
Фотографии
Информации
 
 
 

 

 

Kosturnica Kavadarci

 

2015

декември 2015

Почитувани,
Во вторник, на 15 декември 2015 година, завршува годинашното издание на манифестацијата “Кавадаречка културна есен“.
Со голем концерт на “Стево Волчев трио и пријателите“ од 19 часот во салата на Домот на културата “Иван Мазов - Климе“ Кавадарци, завршува манифестацијата која од почетокот на октомври до денес вклучи 60 настани од областа на ликовната уметност (изложби, перформанси), литературата (книжевни вечери, промоции, поетски читања), драмската дејност (Премиери и гостувачки театарски претстави), музиката од сите жанрови (концерти на класика, џез, староградска), фотографијата (изложби) и др.
Завршниот настан на “Кавадаречка културна есен 2015“ - Концертот на “Стево Волчев трио и пријателите“ освен членовите на триото (Стево Волчев – хармоника/пијано, Пешо Бошков – кларинет и Горан Јанев – кавал) ќе донесе настап и на познати кавадаречки солисти, музичари и групи, секако придружувани од триото: Наташа Малинкова, Пеачката група на Здружението на пензионери од Кавадарци, Ангел Тотов, Маријана Пешиќ, Радица Костадинова, Хорот при Основното музичко и балетско училиште “Лазо Мицев Рале“ Кавадарци, Силвана Чулева Атанасова и др.

Настаните во Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци продолжуваат во Новогодишно и Божиќно темпо, па така, меѓу другото, кавадаречката публика ја очекуваат Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК), Новогодишниот концерт на Студиото за модерен балет “Венус“, Новогодишниот концерт на ОМБУ “Лазо Мицев Рале“, Новогодишната претстава за најмладите во изведба на Театарот при Домот на културата од Кавадарци, Новогодишниот концерт на хорот и оркестарот на Гимназијата “Добри Даскалов“, за да празничните настани бидат заокружени со коледарската манифестација “Дедо цепе бурина“ и традиционалниот Божиќен концерт.

Додека во меѓувреме, Театарот при Домот на културата “Иван Мазов Климе“ продолжува со изведбата на хит претставата “Женидба“ во режија на Драган Велјановски, која брои десет изведби, па така веќе на 18 декември кавадаречките актери гостуваат во Делчево. По мала пауза за новогодишните и божиќните празници, претставата “Женидба “ се враќа на матичната сцена во Кавадарци, за да во втората половина на јануари реализира гостување во Скопје.


Со почит,
Марјан Тодоровски
Дом на култура Кавадарци

 


Почитувани,
Традиционалната манифестација “Кавадаречка културна есен“ влегува во последниот дел од годинашното издание.
Од почетокот на октомви во рамките на “Кавадаречка културна есен 2015“ до сега се одржани над 40 културни и уметнички настани од областа на класичната музика, џезот, ликовната уметност, литературата, театарската уметност и др. До средината на декември, кога свечено ќе биде затворена манифестацијата, кавадаречката публика ја очекуваат уште десетина настани.

Веќе во вторник, на 1 декември 2014, со почеток од 19 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци ќе биде отворена изложба на познатиот автриски ликовен уметник Бернхард Холеман со наслов “Македонски вински пејсажи“. Во четврток пак, на 3 декември 2015, со почеток од 19 часот, исто во Галеријата при кавадаречкиот Дом на култура ќе се одржи целовечерен концерт на познатата македонска пијанистка Ана Гацева.

Во меѓувреме, Театарот при Домот на културата “иван Мазов – Климе“ продолжува успешно да ја игра претставата “Женидба“ по текст на Н.В.Гогољ и во режија на Драган Велјановски, чија премиера беше токму на “Кавадаречка културна есен 2015“ и досега има десетина репризи. Кавадаречките актери со “Женидба“ по успешното гостување во Демир Капија, во понеделник на 7 декември се во Куманово, на 16 декември во Делчево, а веќе се закажани и гостувањата во Скопје, Неготино и други места.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Дом на култура Кавадарци


 

вторник, 20 октомври 2015 г., 20 часот,
Дом на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци

Почитувани,
Во вторник, на 20 октомври 2015 година, со почеток од 20 часот, Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци ќе има Премиера на претставата “Женидба“ по текст на Н. В. Гогољ, а во режија на познатиот македонски режисер Драган Велјановски, како гостин.

Во претставата играат кавадаречки актери од повеќе генерации, добро познати на кавадаречката но и на македонската театарска јавност: Александар Малинков, Диме Коцевски, Милица Гочевска, Снежана Карова, Владанка Недева, Видан Станоев, Љупчо Настов, Костадин Прокопов, Валентина Ѓорѓиева, Деан Атанасов и Коле Колев. Уметничката подршка на претставата е на Владимир Темков и Билјана Соколова, суфлери се Симона Богева и Кристина Сакалиева, а комплетната техничка подршка е на Марјан Тодоровски и Диме Темков.

Комедијата “Женидба“ веднаш по премиерното издание ќе биде на редовниот репертоар на кавадаречкиот Дом на култура, а до крајот на оваа недела се очекува и првата реприза. Кавадаречката премиера на овој светски познат драмски текст се случува за време на одржувањето на манифестацијата “Кавадаречка културна есен 2015“.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Дом на култура Кавадарци

 



Почитувани,
Вообичаено ова време секоја година, во Кавадарци се одвива манифестацијата “Кавадаречка културна есен“, во која секојдневно се случуваат културни и уметнички настани се до средината на месец декември.
Веќе овие денови започнува интензивната културна презентација на проекти и настани од сите дејности:театар, ликовна уметност, музичка уметност, фотографија, филм, литература...

Официјалното отворање на “Кавадаречка културна есен 2015“ е во петок, на
16 октомври 2015, во Домот на културата “Иван Мазов -Климе“ со Фолклорниот спектакл “Распеана чаршија“ на кој ќе учествуваат повеќе македонски фолклорни ансамбли, а истата вечер ќе биде отворена и изложба на фотографии “Кокино“.

Во предвечерјето на отворањето на манифестацијата е ексклузивниот концерт на врвните македонски музичари Страшо Темков – флејта и Марија Вршкова – пијано насловен како “Боите на звукот“, а ќе се случи во четврток, на 15 октомври со почеток во 20 часот во Галеријата при Домот на културата во Кавадарци.

 

Според предвидениот распоред на настани, во вторник, на 20 октомври, во салата при кавадаречкиот Дом на култура, ќе се случи премиера на новата пратстава на Театарот при Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци – “Женидба“, по текст на Гогољ, а во режија на познатиот македонски режисер Драган Велјановски.

На 21 октомври, среда во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ ќе се одржи промоција на новиот поетски алманах на Здружението на писатели “Тиквешки цветови“ од Кавадарци, во кој со свои авторски творби се јавуваат 17 кавадаречки поети.


Почетокот на “Кавадаречка културна есен 2015“ ќе биде заокрушен со Фестивалот на новиот германски филм, кој во Кавадарци, во Домот на културата ќе се одвива од 27 до 29 октомври.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Дом на култура Кавадарци

 


сабота, 19 септември 2015, Дом на културата “Иван Мазов – Климе“

Почитувани,
Со крајот на летото и почетокот на есента, Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци продолжува со активностите, така што веќе во сабота, на 19 септември 2015 во Кавадарци ќе биде гостин еден од најдобрите Фолклорни ансамбли од Србија “Типопластика“ од Горњи Милановац. На нивниот самостоен концерт во салата на кавадаречкиот Дом на култура, гостин ќе му биде Фолклорниот ансамбл “Тиквеш“ кој своите активности ги реализира при Домот на културата во Кавадарци.

типопластика

Исто во сабота (19 септември), но на друга локација и град, во организација на Домот на културата од Кавадарци и Центарот за култура од Гостивар,, кавадаречки поети, музичари и ликовни уметници, ќе се претстават во Гостивар, заедно со уметници од градот домаќин, а во рамките на манифестацијата “Урбани сценски мостови“ која за првпат се одвива во Гостивар (вторпат возвратно во Кавадарци).
Овие настани се вовед во манифестацијата “Кавадаречка културна есен 2015“ која од некаде 15 октомври до крајот на ноември месец годинава, ќе понуди над 50 настани од сите области на уметноста (ликовна, музичка, литературна, драмска и сл.).
Можеби најбитно е да се каже дека Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ ја подготвува својата најнова премиера, претставата “Женидба“ по текст на Гогољ, а во режија на Драган Вељановски (како гостин). Улогите ги толкуваат: Диме Коцевски, Александар Малинков, Милица Гочевска, Љупчо Настов, Коле Колев, Костадин Прокопов, Владанка Недева, Снежана Карова, Видан Станоев, Валентина Ѓорѓиева, Љупче Шошев и Кирил Андоновски (како гостин). Изборот на музика е на Марјан Тодоровски, а дизајнот на плакатот е на ликовниот уметник Билјана Соколова. Премиерата се очекува кон крајот на месец октомври.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Дом на култура Кавадарци

 


 

петок, 28 август до недела, 30 август 2015,

ТИКВЕШКИ ГРОЗДОБЕР 2015

Традиционалната “туристичо-стопанска-забавна“ манифестација оваа година малку не својствено за традицијата ќе се одржи последниот викенд во месец август.

Програма»»»

 


 

Во петок, на 10 јули 2015, со почеток од 21.30 часот, на платото/зелената ширинка над ресторанот “Бриони“ во Градски парк Кавадарци, ќе се одржи четвртото издание на Меморијалната манифестација „Денот кога се роди добриот човек“.

Lisa

Манифестацијата е посветена на добриот човек Дејан Костов Лиса, дете на поубавата страна на кавадаречката приказна. Урбан лик кој прерано не напушти, оставајќи зад себе траги кои се неизбришливи, особено како соработник на најдобрите кавадаречки уметници (Ристо Соколов, Кирил Мукаетов...), како соработник на кавадаречките рок музичари и креативци кои ја пишуваат дефиницијата за градското во Кавадарци, оставајќи зад себе сеќавања, кои неговите пријатели, сопатници и соборци, денес собрани во Здружението за алтернативна култура “Алтер – Центар“, на денот на неговото раѓање ги претвараат во скромно урбано дружење со музика, поезија и ликовно творештво, патем прераскажувајќи ги градските приказни, кои се темел на урбаниот лик на градот Кавадарци.
Годинава, на четвртото издание на “Денот кога се роди добриот човек“ музичкиот дел е доверен на прекалените урбани градски трубадури Илија Митрев Пикси и Перо Ангелов Фиш со посебен избор на музика, ќе биде претставена нова, малку поинаква урбана поезија од кавадаречки творци и ќе бидат претставени млади ликовни творци чии дела за првпат јавно се појавуваат на јавната сцена во градот.
“Денот кога се роди добриот човек“ – 10 јули 2015, Градски парк – Кавадарци, плато/зелена ширинка над ресторан “Бриони“... Почнувме во 21.30 часот... Се гледаме...

 


Почитувани,
Во Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци во тек е целосна промена на старите столчиња (за публиката) со нови во големата сала. Инвестиција за која средства доделија Министерството за култура на Република Македонија и Локалната самоуправа на општина Кавадарци. Така да веќе во среда, на 1 јули 2015, со првиот предвиден настан во салата, кавадаречките љубители на културата и уметноста ќе можат да уживаат во подновениот амбиент на кавадаречкиот Дом на култура.

Што се однесува до настаните, веќе во понеделник на 29 јуни од 20 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ ќе биде отворена изложба графики на Момчило Аврамовски од Куманово. Се работи за 25 графики работени во техниката линорез и комбинирана техника, насловени како “Чудесен свет“. Координатор на изложбата е Националната установа Центар за култура “Трајко Прокопиев“- Куманово. Момчило Аврамовски припаѓа на постарата генерација на македонските академски уметници, коишто сé уште се активни, со потврден творечки континуитет. Извонредна можност за љубителите на ликовната уметност од Кавадарци да се запознаат со творештвото на овој истакнат македонски академски ликовен уметник.

Lazo

Во среда, на 1 јули 2015, со почеток од 20.30 часот,Театарот при Домот на културата од Кавадарци по подолго време, а по барање на публиката, ќе ја изведе претставата “Лазо“, работена врз текстот “Оскар“ од Клод Мание.

Сомнително лице

Додека пак во ворник на 7 јули 2015, со почеток од 20.30 часот кавадаречкиот Театар ќе се претстави пред матичната публика со уште една гледана претстава - “Сомнително лице“ по текст на Бранислав Нушиќ.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Дом на култура Кавадарци

 


Почитувани,
Во Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци и јуни месец содржи неколку исклучителни културни и уметнички настани.

Во салата на Домот на културата, во среда на 10 јуни 2015 (од 18 и 20 часот) ќе се одржат традиционалните Годишни концерти на Балетското студио “Венус“ од Кавадарци. Концертите на “Венус“ вообичаено се големи балетски спектакли со учество на сите групи по возраст и се своевидна презентација на едногодишната работа на ова, речиси дваесет години, едно од најуспешните и најнаградувани македонски балетски студија. Кореографиите на Годишните концерти се авторство на Билјана Грозданова Ивановска и Ана Балова и се дел од кореографите со кои “Венус“ зеде учество на меѓународни натпревари, фестивали и карневали во Македонија и странство.

Во петок, 12 јуни 2015, љубителите на културата и уметноста во Кавадарци ги очекуваат два настани во организација на кавадаречкиот Дом на култура. Во Галеријатa при Домот на културата, со почеток од 20 часот ќе биде отворена самостојна изложба на познатиот македонски ликовен уметник Новица Трајковски, кој пред кавадаречките љубители на ликовната уметност доаѓа со дела од неговиот последен креативен циклус, со кои претходно се претстави во Скопје, Велес и Неготино.

Истата вечер, со почеток од 21 часот, на локацијата на Малиот парк спроти полициската станица во Кавадарци, ќе се одржи целовечерен концерт на познатата македонска етно група “Монистра“.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Дом на култура Кавадарци

 


Почитувани,
Во четврток,
на 28 мај 2015, со почеток од 20 часот, во ликовните салони на Музеј Галерија Кавадарци ќе биде отворена заедничка изложба на тројца млади, но веќе етаблирани ликовни уметници на кавадаречката и македонската ликовна сцена.
Со дела од нивните последни работни циклуси пред кавадаречката ликовна јавнoст ќое се претстават Горан Боев, Ива Јосифова и Трајче Јованов – сите од Кавадарци. Делата со кои се претставуваат за првпат се појавуваат пред јавноста.

Goran Bogev

Горан Боев (1982) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности - Скопје, одсек сликарство во класата на Благоја Маневски, а магистрира на истиот факултет под менторство на Симон Шемов. Член е на ДЛУМ и на ДЛУК. Зад него има повеќе самостојни изложби и учества на Меѓународни ликовни колонии, како и на групни изложби во Македонија и странство. На изложбата се претставува со повеќе оригинални акварели инспирирани од урбаните пејсажи на Париз и Милано, каде имаше повеќемесечен студиски престој.

Iva Josifova

Ива Јосифова (1980) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, одсек сликарство со рачно правена хартија во класата на Симон Шемов. И зад неа има повеќе самостојни изложби, дел и во странство, како и учества на бројни Меѓународни ликовни колонии. Актуелен Претседател е на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК). Член е на ДЛУМ. На изложбата се претставува со оригинално одработени теми од екологијата на рачно изработена хартија, а кои се дел од циклусот “Мирисот и душата на дрвото“ и преку нив природата ја внесува во галерискиот простор.

Trajce Jovanov

Трајче Јованов (1990) иако најмлад од тројцата автори, веќе сигурно чекори на ликовната сцена, особено преку соработката со најдобрите и најпознатите кавадаречки ликовни уметници. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности- Скопје одсек графика со модул конзерватор и реставратор во класата на Димитар Малиданов. Член е на ДЛУК, на Уметничката група “Сокол Арт“, како и ликовен координатор на активностите на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“. Учествувал на повеќе меѓународни ликовни колонии и групни изложби во Македонија. Кон крајот на оваа година се очекува неговата прва самостојна изложба, а на изложбата се претставува со оригинални графики и цртежи, од циклусот кој започна со неговото дипломирање во 2013 година.


Со почит,
Марјан Тодоровски
Секретар на ДЛУК


28 март 2015, 19:30 ч, Дом на културата „Иван Мазов- Климе“

„Поетри слем“ в сабота во Кавадарци

Во сабота, на 28 март, во Домот на културата „Иван Мазов- Климе“ во Кавадарци, со почеток од 19.30 ч. ќе се одржи поетри слем натпревар. Ова е втор слем настан годинава, по слемот во Тетово минатиот месец, во организација на македонскиот слем-тим и во коорганизација на слемерката Цветанка Колева, со помош на здружението на поети и писатели од Кавадарци, „Тиквешки цветови“.

поетри

Слемот претставува модерен и перформативен начин на интерпретирање авторски текстови, при кој авторите-изведувачи се натпреваруваат меѓу себе, а петчлено жири избрано од публиката ги бодува текстовите и начинот на изведба со цел да се избере прво, второ и трето место. На победниците ќе им се доделат дипломи и пакет книги, донации од македонски писатели кои го поддржуваат настанот со своите авторски дела: Братислав Ташковски, Трајче Кацаров и Славчо Ковилоски, но и книги поезија од организаторите Перо Сарџоски, Елена Пренџова и Игор Трпче, како и најновиот број на студентското списание „Ш“.

На слемот ќе настапат натпреварувачи од Кавадарци, Неготино, Скопје, Прилеп, Тетово, Велес и Гевгелија. Како и секогаш, со свои изведби, но надвор од натпреварувачкиот дел ќе настапат организаторите, гости на вечерта ќе бидат тројца поети од здружението „Тиквешки цветови“: Љупчо Јовчевски, Надица Тренчева и Тодорка Андова, а во натпреварувачкиот дел ќе се претстават:

АНИЦА БЛАЖЕВСКА,Тетово
ВИКТОР ЈАКИМОВСКИ, Скопје
ДИМЕ ДАНОВ, Неготино
ДИМИТРИ СОЛЕ ЉУБИН, Велес
ДРАГИЦА ЗДРАВЕСКА, Прилеп
ДУШКО СТЕФАНОВ, Кавадарци
ИСТОК УЛЧАР, Скопје
КОНСТАНТИН КАРЕВ, Гевгелија
МАКЕДОНКА ЧАДИНОСКА, Скопје
МАРЈАН ТОДОРОВСКИ, Кавадарци
МИКИЦА ИЛОВА, Кавадарци
МИЛКА МИНДЕВА, Кавадарци
НИКОЛА БОГЕВСКИ,Кавадарци

а во ненатреварувачкиот дел ќе настапат организаторите

Елена Пренџова
Игор Трпче
Перо Сарџоски
Цвета Колева

но и поети од поетското друштво ТИКВЕШКИ ЦВЕТОВИ од Кавадарци

ЉУПЧО ЈОВЧЕВСКИ
НАДИЦА ТРЕНЧЕВА
ТОДОРКА АНДОВА

 


 

втори втори петнајста:

паја

Почитувани,
Во понеделник, на 2 февруари 2015, со почеток од 20 часот, во салата на Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, ќе се одржи голема промоција на збирката вицови под наслов “Ѕидот на Паја“ на авторот Златко Вузевски од Кавадарци.
Станува збор за збирка на вицови, дел запишани, а дел авторски на Вузевски и сите се запишани на кавадаречки дијалект. Во изработката на книгата учествуваат повеќе познати кавадаречки креативци, а меѓу нив и ликовни уметници со оригинални илустрации.
Инаку, Златко Вузевски Паја е познат со децении на кавадаречата урбана сцена, позитивец и еден од последните вистински урбани ликови Кавадарци. Соработник на кавадаречки рок музичари и бендови, долги години музички ги креираше вечерите во најпознатите кавадаречки клубови, а денес на Facebook ја има најпопуларната група во Македонија посветена на хуморот - “Глупости 100% - Паја“, која брои над 25 илјади членови. Затоа “Ѕидот на Паја“ не е обична книга со вицови.
На промоцијата, за и околу книгата, на свој начин ќе проговорат и одсвират познати кавадаречки урбани ликови, медиумски креативци, музички и драмски уметници. Втори февруари во Кавадарци ќе биде во знакот на добриот хумор и музика. Промоцијата на “Ѕидот на Паја“ на свој начин ќе го одбележи месецот во Кавадарци.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Дом на култура Кавадарци


 

Почитувани,
Во сабота на 17 јануари 2015, со почеток од 19.30 часот, во салата на Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, ќе се одржи традиционалниот Годишен концерт на Фолклорниот ансамбл “Тиквеш“, кој работи при кавадаречкиот Дом на култура. На концертот ќе настапат три постави на ансамблот (мала, средна и прва), а како гости ќе се појават ветерани играорци од различни генерации, кои низ годините наназад биле успешни членови на Фолклорниот ансамбл “Тиквеш“

Во понеделник, на 19 јануари 2015, со почеток од 19 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“, ќе биде отворена изложба на познатиот кавадаречки и македонски ликовен уметник Владимир Темков. Изложбата содржи дела од неговиот најнов творечки циклус, кои првпат се појавуваат пред ликовната јавност и носи наслов “Житни полиња – трски и топки“.

По успешната Премиера и полниот салон во првите две репризни изданија, Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ во среда, на 21 јануари 2015 со почеток од 19 часот повторно за љубителите на театарската уметност ќе ја игра претставата “Сомнително лице“, по текст на Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Диме Коцевски. Со оглед на тоа што за претставата се бара карта повеќе, кавадаречките актери имаат театарски производ кој долго ќе биде на репертоарот на матичната сцена во кавадаречкиот Дом на култура.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Дом на култура Кавадарци


Почитувани,
Во сабота на 10 јануари 2014, со почеток од 20 часот, во Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци премиерно ќе ја игра претставата “Сомнително лице“, по текст на Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Диме Коцевски.
Со оглед на тоа што Кавадарци нема професионален Театар, кавадаречките театарски аматери оваа сезона имаат трета премиера, овојпат по познатиот текст на Бранислав Нушиќ направија “кавадаречка“ претстава, односно, текстот на познатиот комедиограф е прилагоден на кавадаречки дијалект.

Сомнително лице


Во претставата играат: Диме Боцев, Љупчо Настов, Коле Колев, Видан Станоев, Милица Гочевска, Диме Коцевски, Валентина Ѓирѓиева, Снежана Карова, Љупче Шошев, Дејан Атанасов, Драган Кабаранов и Костадин Прокопов.
Ликовната сценска интервенција е на Трајче Јованов, изборот на музика е на Марјан Тодоровски.
Поради големиот интерес во Кавадарци, претставата “Сомнително лице“ ќе доживее и втора премиера, во понеделник, на 12 јануари 2014, со почеток од 19 часот, исто во салата на Домот на културата во Кавадарци.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Дом на култура Кавадарци


 

 

 

 

Архива

» 2009
» 2010
» 2011
» 2012
» 2013
» 2014

 

Место за информации за активности во Кавадарци...

Контактирајте не на :


 

  Ristovski © 2005-2015 posta
mak en de