Добродојдовте на неофицијалната страна на град Кавадарци


Grb-Kavadarci

home-дома
Актуелно
Лична карта
Положба
Фотографии
Информации
 
 
 

 

 

Костурница 2012

 

2013

27.12.2013, 19:00 ч. Дом на култура «Иван Мазов Климе»

Почитувани,
Во петок, на 27 декември 2013, со почеток од 19 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, ќе биде отворена традиционалната Годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК), на која со свое дело од последните работни циклуси ќе се претстават над дваесет членови на ДЛУК.

DULK

Од најмладите академски ликовни уметници до еминентни македонски ликовни имиња, меѓу нив и дел од основачите на ДЛУК, ќе се претстават со дела во различни ликовни техники, графики и скулптури. Речиси четириесет години од основањето, ДЛУК е секогаш во врвот на македонската уметност, за што зборуваат и имињата на голем број на членови на Друштвото кои денес се врвот на македонската ликовна уметност. Петар Мазев, Ристо Соколов Сокол, Глигор Стефанов, Глигор Чемерски, Елпида Хаџи – Василева, Симон Шемов, Ванчо Кеков, Владимир Темков, Димитар Самарџиев и др. се само дел од имињата кои се докажани на македонската ликовна сцена, но и надвор од неа, а дел од нив учествуваат и на оваа Годишна изложба на ДЛУК.
Годишната изложба на ДЛУК е настан од исклучителна важност за членовите кои излагаат, особено поради фактот што е најпосетен ликовен настан во Кавадарци во тековната година, не само на отворањето, туку и за цело време на траењето на изложбата. Истата пред ликовната и македонската ликовна јавност ќе биде отворена до 20 јануари 2014 година.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Секретар на ДЛУК


 

23.12.2013, 19:30 ч. Дом на култура «Иван Мазов Климе»

Почитувани,
Во понеделник, на 23 декември, со почеток од 19.30 часот, во салата на Домот на културата “Иван Мазов Климе“ Кавадарци, својот традиционален новогодишен концерт ќе го одржи Студиото за модерен балет “Венус“ од Кавадарци, кое над 15 години успешно делува на македонската балетска сцена и е едно од најнаградуваните во Македонија на сите државни натпревари, а во последните години успешно настапува и во странство.

Венус

Под водство на балетскиот педагог Билјана Грозданова Ивановска, на новогодишниот концерт на студиото ќе се претстават сите групи (по возраст), а според високата професионална работа која е карактеристика на Студиото за модерен балет “Венусс“, во понеделник се очекува балетски спектакл на сцената на кавадаречкиот Дом на култура.


Со почит,
Марјан Тодоровски
www.bluziranje.blog.mk



КАВАДАРЕЧКИОТ ТЕАТАР СО ДВЕ ПРЕМИЕРИ ВО ДЕКЕМВРИ

21.11.2013
Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци е во последна фаза на подготовката на претставата “Бегалка“ од Васил Иљовски. По подолго време, кавадаречкиот Театар на матичната сцена се јавува со битова драма и според информациите, оваа практика ќе продолжи понатаму со поставување на дело од македонските битови драмски автори еднаш годишно.


“Бегалка“ е во адаптација и режија на Александар Малинков, а во неа играат повеќе генерации познати кавадаречки актери аматери и секако професионалниот дел од тимот на Театарот. Во претставата играат: Душица Настова, Диме Боцев, Љупчо Настов, Милица Гочевска, Никола Деков, Коле Колев, Зорица Ташева, Снежана Карова, Валентина Ѓорѓиева, Елизабета Златева, Видан Станоев, Бранко Најдов, Диме Коцевски, Љупче Шошев, Александар Малинков, Зоран Станоев и Даниел Уневски. Изборот на музика е на Марјан Тодоровски.
Премиерата на претставата се очекува кон средината на декември, на сцената на Домот на културата во Кавадарци.
Втората премиера на кавадаречкиот Театар ќе донесе новогодишна детска претстава. Станува збор за текст на Александар Малинков “Сонот на Дедо Мраз“, кој се јавува и како режисер на претставата. Премиерата за најмладата публика се најавува за 24 декември.

Марјан Тодоровски
Дом на кутура “И. М. Климе“ Кавадарци
Уредник на програма

 


Т И К В Е Ш К И      Г Р О З Д О Б Е Р      2 0 1 3

Од петок 13ти до недела 15ти септември 2013 година во Кавадарци се одржува манифестацијата Тиквешки Гроздобер. Покрај богатата програма за Гроздоберот се случуваат и два настани за љубителите на бензинскиот мирис. Со прогодна програма мотоклубот «Токвеш Ридерс» го одбележува првиот роденден, а посетителите на гроздоберот во сабота 14ти септември ќе можат да ги погледаат изложените олдтајмери.

Гроздобер 2013

 

Тиквеш Ридерс

 

Олдтајмери

 


НОВА ИЗЛОЖБА НА РИСТО СОКОЛОВ СОКОЛ


Еден од најпознатите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол ќе има нова самостојна изложба. На 6 септември 2013 со почеток од 20 часот во изложбените салони на “Музеј – Галерија“ Кавадарци ретроспективно ќе бидат изложени 50-тина дела настанати последните 5 години. Во различни техники и материјали од обемното творештво на Ристо Соколов Сокол пред ликовната јавност, меѓу другите ќе се најдат дела од неговите циклуси “Траги“ и “Некогаш и денес“ работени со природни материјали, каде авторот се јавува како иноватор во техничка и материјална смисла, создавајќи ликовна уметност на начин како тоа го правеле старите мајстори, надоградувајќи го сето со сопствен оригинален и имагинативен набој, редок на македонската ликовна сцена. Речиси една третина од изложените дела првпат ќе бидат претставени пред кавадаречката и македонската ликовна јавност.

Оригиналноста и квалитетот на ликовната уметност на Ристо Соколов Сокол се доволна причина неговата нова ликовна изложба да биде еден од ликовните настани кои ќе ја одбележат килтурната и уметничката година во Кавадарци. Исто како и претходните негови ликовни претставувања се очекува оваа негова ретроспективна поставка да биде претставена во повеќе еминентни галериски простори низ Македонија.
Инаку Ристо Соколов Сокол е роден 1957 година во с. Дреново. Училиште за применета уметност завршува 1978 во Скопје. Факултет за ликовни уметности Скопје на отсекот за графика кај професорот Димитар Малиданов и графички дизајн кај професорот Костадин Танчев Динка завршува 1988, како студент на генерацијата на отсекот графика.

Има зад себе над петнаесет самостојни изложби во Македонија и странство, а е познат како врвен изведувач на ликовни перформанси и ентетриерен дизајнер и изведувач. Низ годините наназад организатор е и ликовен координатор на најпознатите кавадаречки ликовни колонии, а моментално ја координира Меѓународната ликовна колонија “Хотел Фени“ во Кавадарци, која годинава успешно се одржа по шести пат.
Член е на ДЛУМ, еден е од основачите на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци, чиј актуелен претседател е во моментот. Живее и работи во Кавадарци како самостоен ликовен уметник.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Уредник на програма
Дом на култура Кавадарци
www.bluziranje.blog.mk

импресии »»»



ЕДИНСТВЕНИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ПОЕТСКИ ЗБОРНИК


Најнови песни од познатите кавадаречки поети и блогери Марјан Тодоровски и Вероника Костадинова ке бидат објавени во Електронскиот зборник на андерграунд поезија на познатата поетска асоцијација“ од Белград, Србија “Поезин“ и тоа како единствени од Македонија. “Поезин“ е асоцијација на поетски автори и изведувачи кои поезијата не ја доживуваат исклучиво како литературна форма, туку и како перформанс и интеракција со публиката. На поетскиот конкурс учествувале 212 поети а од нив 55 од седум европски земји ке бидат објавени во Зборникот. Како изненадување на Конкурсот комисија составена од познати мејнстреим и андерграунд поети од регионот ке доделат и награди за, според нивното мислење, најдобрите песни во Зборникот. Но, како што велат нашите поети и блогери, голема награда е и самиот избор нивната поезија да биде дел од Зборникот. Промоцијата на Зборникот ке се одржи нa почетокот на октомври годинава во Белград“.

Veronika


Инаку, Вероника Костадинова зад себе има четири збирки поезија, еден е од првите кавадаречки блогери (www.oksimoron.blog.mk; www.venera.blog.mk) и е етаблирана поетеса со завиден број на поетски настапи, учества и награди на конкурси.

Марјан Тодоровски зад себе ја има поетската збирка “Мојот блуз“, на блогерајот (www.bluziranje.blog.mk) активно ја објавува првата автентична кавадаречка колумна (Блузирање) и е секојдневно вклучен во креирањето на настаните и на официјалната и на оф сцената во кавадаречката култура и уметност.

И двајцата во моментот ги подготвуваат своите нови книги, чии промоции во секој случај ќе бидат битен дел од квалитетните уметнички случувања низ градот.

 



10.07.2013, 20 ч, “Џандар парк“ - Кавадарци

Како група пријатели, минатата 2012 година, на 10 јули, за првпат го организиравме меморијалниот рок концерт со наслов “Денот кога се роди добриот човек“. Оваа манифестација е посветена на нашиот пријател и еден од најважните граѓани на Кавадарци од генерациите родени во седумдесетите години на минатиот век Дејан Костов Лиса.


Дејан Костов Лиса ќе остане запаметен како човек олицетворение на добрината, солидарноста, урбан лик за пример, соработник на најголемите кавадаречки уметнички имиња од сите области и дете на поубавата страна од кавадаречката приказна. За жал прерано замина за да можеме заедно да ги оствариме нашите заеднички цели.
Годинава повторно на 10 јули ќе го организираме “Денот кога се роди добриот човек“, овојпат како Меморијален мултимедијален настан, но повторно скромно, каков што всушност скромен беше и нашиот Лиса. Овојпат како Здружение на граѓани “Алтер Сцена“, кое го создадовме и како наследство од генерациите чиј дел беше и Дејан Костов Лиса за генерациите кои доаѓаат, а се дел од поубавата страна на кавадаречката приказна.
Настанот и годинава ќе се одржи во малото паркче спроти полициската станица во Кавадарци, со почеток од 20 часот. Во музичкиот дел ќе настапат “Dont? Who! One.“ кои со целовечерен концерт во Кавадарци се враќаат на македонската музичка сцена, потоа “aIrless Project“ и кавадаречкиот рок бенд “Smoke Shakers“ кој со овој настап ја завршува својата неофицијална клубска турнеја низ Македонија и заминува на престижниот “Јелен демо фест“ во Бања Лука (БиХ) каде ќе настапи на демо вечерта како единствен учесник од Македонија. Во текот на целата меморијалната вечер ќе се одржува ликовен перформанс на познатиот македонски и кавадаречки ликовен уметник Ристо Соколов Сокол, потоа литературен дел со познатите кавадаречки поети и блогери Цветанка Колева и Марјан Тодоровски, свој драмски перформанс ќе одржи познатиот кавадаречки актер Александар Малинков, како и други содржини, на соработници и пред се пријатели на Дејан Костов Лиса.

Здружение за алтернативна култура
“Алтер Центар“
Кавадарци
Претседател
Ѓоко Колев Бејбис


 

20.06.2013, Дом на културата «Иван Мазов - Климе»

На покана од Домот на култура "Иван Мазов - Климе" и општина Кавадарци, во Четврток, 20 Јуни, 2013 г. со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложба на уметнички фототографии од Јасна Христовска и Стевчо Наумоски од Охрид,

ЈАСНА ХРИСТОВСКА

„Прашина на полицата“ претставува тенденција на авторката за комуникација со традицијата, со традиционалните елементи на оваа земја, народ, историја, особен вид на човеково постоење.. Сето ова станува дел од системот на овие дела, изразено во различен вид и на различни нивоа во зависност од личното творечко разбирање. Но истовремено, преку ваквото насочување кон традицијата многу јасно е покажан и комплексниот однос кон времето во кое авторката живее и твори, може да се каже и стремеж да се најде одговор на некои од дилемите на современото битисување.

Портфолио: http://www.behance.net/jasna_D

 

СТЕВЧО НАУМОСКИ

Циклусот фотографии под наслов “Пулсот на езерото“ ги претставуваат промените во животните циклуси преку создавањето паралела помеѓу човекот/жената и езерото.
Со претставувањето на пулсот на езерото, и движењето на ритмички распоредените бранови од површината на водата, авторот ги истражува поимите на минливост и постојаност, неизбежното менување и вечно циклично движење. Преку поврзувањето на езерската површина и човековата “површина“, направена е паралела на веројатно единственото нешто кое е вечно и постојано во природата – а тоа се промените. Овој став е близок на учењето на древниот Хераклит - чија парола “сé тече“ е блиска со размислувањата на Наумоски - и според кого, постојаните промени или течење се, всушност, најосновната карактеристика на природата.
- Маја Чанкуловска-Михајловска, историчар на уметност

Портофлио: http://www.behance.net/snaumoski


 

 

06.06.2013, Дом на културата «Иван Мазов - Климе»

Почитувани,
Во четврток, на 6 јуни, со почеток од 20 часот, во салата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, ќе се одржи Годишниот концерт на Балетското студио “Венус“ од Кавадарци. На концертот ќе се претстават сите групи по возраст, на над стотина членови на Студиото.

venus


Концертот претставува годишен креативен сублимат на најуспешниот кавадаречки балетски кореограф и педагог Билјана Грозданова Ивановска, која над петнаесет години успешно го води Балетското студио “Венус“
Во досегашната работа на Студиото, низ бројни генерации членови, за успешната работа сведочат бројни признанија и награди, особено на државните натпревари и фестивали на модерен балет во Куманово и Штип. Освен успешното претставување пред публиката во Македонија, последните години Балетското студио “Венус“ успешно се претставува и на сцените во соседните земји, низ ушество на меѓународни натпревари и фестивали.

Со почит,
Марјан Тодоровски
Уредник на програма
Дом на култура Кавадарци
www.bluziranje.blog.mk


21.05. - 30.05.2013, Дом на културата «Иван Мазов - Климе»

Изложба на фотографии «Две татковини», Гордан Ристовски - Гого

каталог 2013

Во вторник, 21 мај 2013 во 20 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии «Две татковини» на Гордан Ристовски - Гого.
Во галеријата на Домот на културата «Иван Мазов - Климе во Кавадарци» во периодот од 21 - 30 мај 2013 посетителите ќе имаат можност да ги видат фотографиите настанати во Македонија и Швјцарија кои се дело на Гордан Ристовски -Гого од Кавадарци кој моментално живее во Швајцарија.

 

 


 

 

 

Архива

» 2009
» 2010
» 2011
» 2012


 

  Ristovski © 2005-2013 posta
mak en de