Годинава се навршуваат 65 години од раѓањето на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници – Ристо Соколов Сокол (1957 – 2015). Годишнината ќе боде одбележана со два големи настани во периодот кој следува (вторник, 19 април 2022 и крај на мај 2022). Повеќе информации во текстот подолу.

Ристо е роден на 16 април, на ден Велигден, а замина на 14 февруари на ден Свети Трифун. Зад себе остави импозантно ликовно творештво, беше графичар и графички дизајнер по образование, а насекаде важеше и како исклучителен креатор на извонредни ликовни перформанси, мултимедијални настани, автор на бројни театарски сценографии, сценограф на многу музички концерти и фестивали и др. Едноставно, ликовната уметност за него немаше тајни, напротив, беше и голем ликовен иноватор што го покажа со неговата врвна ликовна изложба “Некогаш и денес“ на која се претстави со циклус дела работени со природни материјали.

Соработуваше со најдобрите уметници од сите дејности – театар, фотографија, музика, литература, стрип и др. Беше извонреден ентериест, голем број на локали низ Кавадарци, Македонија, Бугарија, Србија, сеуште го носат неговиот уметнички печат. Излагаше низ многу земји, уметнички делуваше низ половина свет (Њујорк, Париз, Белград, Загреб, Јадранското приморје, Берлин и секако речиси во секој град во Македонија).

Неговото тестаментарно креативно дело беше секако Уметничкото студио “Сокол Арт“ Кавадарци. Неговото отворено ателје и место на слобода за изразување, дружба и соработка на  сите уметности и уметници. Освен изложби на неговите дела, во “Сокол Арт“ се одржаа неколку изложби, групни и поединечни на кавадаречки и македонски уметници, во “Сокол Арт“ имаше промоции на книги, концерти на поединци и бендови од различни музички жанрови, беше тоа студио во кое единствена тема беше уметноста, своевидна слободна уметничка територија. Како уметничко студио “Сокол Арт“ згасна со неговото заминување, но неговите долгогодишни соработници, сопатници низ животот, пријатели и соборци денес се збрани под името “Сокол Арт“ како неформална уметничка група, секако во чест на Ристо Соколов Сокол.

Ристо Соколов Сокол беше и еден од основачите на Здружението за алтернативна култура “Алтер центар“ Кавадарци. Денес “Алтер Центар“ меѓу другото, ја реализира и Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“, која годинава по осми пат ќе се оддржи некаде кон крајот на месец мај 2022. Манифестацијата во секое нејзино издание се оддржува на различен простор во Кавадарци, за да од минатата година започне да се оддржува и во други градови (Демир Капија). На манифестацијата во сите нејзини изданија со свои дела учествуваат млади, но и познати ликовни уметници, фотографи, рок и џез бендови, класични музичари, драмски актери и млади, но и познати поети.

65 години од раѓањето на големиот уметник и човек Ристо Соколов Сокол, годинава освен “Алтер Центар“, ќе ја одбележи со негова ретроспективна изложба, своевиден омаж на неговата уметност и живот, секако со поддршка на неговото семејство, пријатели и соработници и една институција во неговиот роден град и тоа Музеј Галерија Кавадарци, а изложбата со придружни настани ќе се одржи на 19 април 2022 (вторник) во ликовните салони на Музеј Галерија и ќе биде официјално отворена во 19 часот. Кавадаречката Музеј Галерија беше многу важна за Ристо Соколов Сокол. Таму се оддржаа неколку изложби со дела од повеќе негови уметнички циклуси, сите изложби беа во декември и на ден петок, особено што и неговата воопшто последна изложба насловена како “Ретро Арт – Нови моменти“. Заедно со Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“ во организација на “Алтер Центар“, изложбата во Музеј Галерија Кавадарци е еден од настаните кои ќе ја одбележат ликовната година во Кавадарци и Тиквешијата.

Со почит,
Марјан Тодоровски
“Алтер Центар“ Кавадарци

Сокол Арт

Von kavadar