Почитувани,
Во понеделник, на 16 април 2018, со почеток од 20 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, по трети пат ќе се одржи Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“. Манифестацијата е посветена на еден од најголемите македонски и кавадаречки ликовни уметници Ристо Соколов Сокол. Организацијата на Манифестацијата е на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, а со подршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Ристо Соколов Сокол (16 април 1957 – 14 февруари 2015) е еден од доајените на средната генерација македонски ликовни уметници, графичар по вокација, врвен ликовен уметник, познат по бројните изложби во Македонија и странство, по ликовните, но и мултимедијалните перформанси во кои се даваше себеси и како човек и како уметник, соработуваше со најдобрите театарски, ликовни, фотографски, музички и литературни уметници од Кавадарци Македонија. Генерации млади уметници од сите дејности созреаја под негово менторство.

Автор е на десетици тетарски сценографии, насловни страници на литературни дела и нивни илустратор, автор е на десетици сценографии за рок фестивали, детски музички фестивали и рок, џез и поп концерти, а легендарни се неговите карневалски поставки и сценографии на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“. Беше организатор и уметнички раководител на бројни квалитетни меѓународни ликовни колонии. Изработил стотици дизајни за плакати и каталози за најразлични културни и уметнички настани. Основач е на култното Уметничко студио “Сокол, Арт“ (неговото отворено ателје) во Кавадарци, еден од основачите на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци кое на 16 април 2018 по трети пат, на денот на неговото раѓање се поклонува пред неговото врвно уметничко и човечко дело, славејќи го својот соработник, пријател и соборец во кавадаречкото културно, уметничко и урбано секојдневие.

Добитник е на највисоката награда на општина Кавадарци “7-ми Септември“, за време на студиите на Факултетот за ликовни уметности во Скопје е прогласен за студент на генерацијата и во тоа време за најдобар млад графичар – студент во поранешна Југославија. Беше член на ДЛУМ од дипломирањето, а е еден од основачите и долгогодишен претседател на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК).

Во негова чест, на 16 април 2018, во Галеријата при кавадаречкиот Дом на култура, од 20 часот, на Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“, ќе бидат изложени негови ликовни дела, за неговиот живот ќе проговорат неговите соработници и пријатели, музички настанот ќе го покријат членовите на рок бендот “Bad-Ass-All” и музичките трубадури од составот “Трио Гранде“, преку видео презентација на видео и фото материјал од неговата работа и живот во авторство на неговите долгогодишни пријатели и соработници Тони Коцев, Јадран Манчев, Марјан Тодоровски, Тони Галабов, Билјана Соколова Тодоровска, Александар Малинков, Деан Мелов Астрато, Трајче Јованов и др., за да настанот биде заокружен со уметнички фотографии на Билјана Соколова Тодоровска.

Со почит,
Марјан Тодоровски

Здружение за алтернативна култура
“Алтер Центар“ Кавадарци

Дом на култура
“Иван Мазов –Климе“ Кавадарци


за Ристо на предходната презентација на kavadarci.info »»»

Von kavadar